Проектот „Landscape experience“ на Роберт Јанкулоски, со соработничката Моника Мотеска, и НГМ годинашен претставник на Венециското биенале на уметноста

од admin_kult

Проектот „Landscape experience“ на Роберт Јанкулоски (соработник Моника Мотеска) и Националната галерија е избран за официјален претставник на Република Северна Македонија на 59. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2022 година.

Во образложението на  стручната комисија при Министерството за култура, во состав: Небојша Вилиќ, Дијана Томиќ-Радевска и Невзат Бејтули-Кица, стои дека проектот низ јукстапозиции поставува нови пејзажи, реални, а имагинативни; локални и национални, а сепак универзално препознатливи. Нивните сублимирани сцени, објекти, видеа и просторна инсталација го сугерираат односот тело-природа, човек-технологии, човекот како несовршено суштество и негова когнитивна симбиоза со преостанатиот жив свет и околина. Низ квалитетен материјал и портфолио, авторот и кураторката (Ана Франговска) го развиваат и докрај го објаснуваат проектот како соодветен одговор на темата на Биеналето „Млеко од соништата“.

На Конкурсот за финансирање проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за учество на Република Северна Македонија на 59. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2022 година, во организација на „Венециско биенале“ (La Biennale di Venezia), годинава пристигнаа пет пријави. Една од нив не се разгледуваше откако подносителот достави писмено известување дека го повлекува проектот од учество на Конкурсот.

Другите проекти што беа пристигнати и разгледувани се: „Божествена пародија“ од Страхил Петровски (Музеј на Град Скопје); „Сите изгубени гласови“ од Филип Јовановски (Младински културен центар – Скопје) и „Горчлив шеќер“ од Ѓорѓе Јовановиќ  (НУ Музеј на современата уметност – Скопје).

Венециското биенале на уметноста ќе се одвива од 23.4. до 27.11.2022 година.

Извештај на стручната комисија за Венециското биенале 2022

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на Р.С.Македонија користи т.н."колачиња" со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе