Македонскиот архитектонски тим, во рамките на 18. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција, во павилјонот сместен во „Скуола деи Ланиери“, се претстави со проектот „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски, 1992 – 2017“.
Проектот ја прикажува хронологијата со приказни од Летната школа за архитектура во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ во периодот од 1992 до 2017 година.
На отворањето пред присутните воведен збор имаа комесарот Дита Старова-Ќерими, професорот Минас Бакалчев, како и Марија Ефремова, aмбасадорка на РСМ во Светата Столица во Ватикан.
„ Чест, а секако и сериозна одговорност претставува креирање на концепт кој е претставен на најголемата светска манифестација во доменот на архитектурата. Овогодинешното Биенале преплетува и раскажува национални приказни од земји од целиот Свет, ја пренесува пораката на глобално единство, чувство на присуство, афирмација на еднаквост, рамо до рамо на светските метрополи. Како практични архитекти и едукатори истражуваме: може ли архитектурата да биде платформа за нови идеи и дискурси. Изложбата има мултидисциплинарен пристап кон материјалот, го истражува кадрирањето преку изградени структури, модели, текстови, фотографии и мебел“ истакна пред многубројната публика комесарот на македонскиот павилјон, д-р Дита Старова Ќерими.
Носителот на проектот „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски, 1992 – 2017“ е Здружението за истражување на градот „ Градот убав“- Скопје.
Од Здружението образложија дека изложбата се состои од реконструкција на тремот на манастирот Св. Јоаким Осоговски, како место каде со текот на времето се одржувала летната школа. Со транспонирање на реалниот простор во нов просторен конструкт – архитектон, се доби рамка за експонатите и експонат на изложбата. Мноштвото личности, дела, настани се изложени како предмети/модели, слики и записи на работната маса од верандата. Различни предмети од манастирот се претставени како макети на двете спротивни полици. На висечките рамки е прикажано училишното досие, клучните епизоди преку цртежи и текстови. Заедно, тие се еден вид индекс на постапките на поединците во создавањето на колективното добро. Во таа смисла, изложбата претставува еден вид архива во изработка.
Куратори на проектот се: Александар Петановски, Марија Петрова, Гордан Петров, Дарко Драгановски и Димитар Крстевски. Соработници се: Амир Ахмети, Егзона Зендели, Кире Ставров, Влера Тачи, Теодора Илиевска, Сара Алаѓозовска, Ахмед Пошка, Тамара Павлеска, Теодора Стеваноска, Марија Илиев, Горан Трајановски, Маријана Јаневска, Кристијан Ристовски, Едон Фетаху, Никола Момировски, Фјола Пустина, Симона Костовска, Александра Наумовска, Ива Митевска, Енис Абовски, Кирил Кочоски, Илија Мошев, Домника Бошкова и Харика Шехаби.
Годинашната архитектонска изложба во Венеција се одвива на темата „Лабораторија на иднината“ од главната кураторка Лесли Локо и директорот на Биеналето, Роберто Чикуто.