Во Музејот на Град Скопје утревечер (14 март) во 19:30 часот ќе биде отворена изложбата „Приказни во тиркиз – Извор на животот“ од Ана Митевска.
„Секое нејзино платно раскажува уникатна приказна и преку живописните тиркизни тонови ги поканува гледачите да се нурнат во безграничниот свет на уметничката креативност. Оваа уметничка авантура ќе биде отворен повик за интроспекција и слободно толкување, како и своевидна подигната завеса кон имагинацијата. Во делата на Ана, тиркизот не е само боја туку комплетно патување низ хоризонтите на апстрактната креативност, а нешто повеќе за ова патување на изложбата ќе каже и кураторката Гордана Велков“, наведува организаторот во најавата за ова ликовно претставување.
Изложбата се реализира со поддршка од Министерството за култура.