По повод Денот на независноста на нашата татковина, Министерството за култура се приклучи кон централната прослава под мотото „Гласник на слободата“ во организација на Владата на Република Северна Македонија.
Во чест на празникот, културните установи – музеи, завод и музеи, археолошки локалитети – беа отворени за посета, со бесплатен влез, од утринските часови.
Одбележувањето на 8 Септември, под слоганот „Отворен ден за граѓаните“, помина со голема заинтересираност и посетеност, што претставува мост за сплотеност и обединетост и одлична можност за културно и национално поврзување преку ова празнично чествување. Ова чествување имаше едукативна димензија и придонесе за поголема застапеност на културата и уметноста и развивање на естетските и културните навики како нераскинлив дел од нашето секојдневие и општествено живеење.
Низ целата држава, граѓаните ги посетуваа музејските и галериските поставки во музеите, галериските салони и археолошките локалитети, како и сите културните установи, и присуствуваа на културно-уметничките настани. Исто така, пригодната празнична програма содржеше концерти на млади уметници и оперски арии, театарска претстава, изложба, проекции на наградувани филмови од македонската понова продукција.
Во чест на Денот на независноста, 8 Септември, Музејот на македонската борба за самостојност подготви посебна мултимедијална програма. Од 10 до 14 часот на повеќе локации во Музејот беа презентирани: „Видеоприказни од музејската архива“, коишто, меѓу другото, вклучуваа музејски стории за седум исклучителни жени од македонската историја, меѓу кои и: Оливера Вера Јоциќ, Роса Плавева и Калипсо Налча; раритети од музејскитe збирки; автентични снимки од подготовките за Илинденското востание од 1900 година; Спомени од Првата светска војна, како и снимки од референдумот и прогласувањето на независноста во 1991 година.
Посетителите имаа можност да ја разгледаат и привремената изложба „Темелник на државноста“, посветена на клучните настани во формирањето на државата – Илинден 1903, Илинден 1944 и прогласувањето на независноста во 1991 година.
Во оваа национална установа, напладне, присутните уживаа во концертот на гудачкиот квартет „Луј“ од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје, составен од млади музички уметници, на кој беа изведени дела од Равел, Дворжак, Пјацола и други.
Театарот за деца и младинци, една од омилените институции во државава, по повод Денот на независноста, напладне имаше свој настап кај Школка во Градскиот парк во Скопје и за својата верна публика ја изведе претставата „Лакомата меца“.
Во текот на денот бесплатно работеа: археолошките локалитети „Стоби“, „Хераклеја“ и „Баргала“; Мегалитската опсерваторија „Кокино“; Меморијалниот центар „АСНОМ“ – Пелинце; „Куќата на Робевци“ во Охрид; црквата „Свети Спас“ во Скопје; Музејот на отворено во Тумба Маџари во Скопје; Музејот за тутунот и „Участакот“ во Прилеп; Турската пошта и Галеријата на икони во црквата „Свети Петнаесет Тивериополски маченици“ во Струмица; Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево; Спомен-куќата на Мајка Тереза; Археолошкиот музеј – Скопје; Музејот на македонската борба за самостојност; Музејот на Северна Македонија; Природонаучниот музеј; Музејот на современата уметност; Националната галерија на Северна Македонија: Даут-пашиниот амам и Чифте амам, како и Уметничката галерија во Тетово.
Низ државава, во рамките на програмата „Отворен ден за граѓаните“, отворени беа вратите и на: музеите и заводите вo Охрид, Битола, Прилеп, Струмица и во Штип; музеите во Струга, Куманово и во Гевгелија; Историскиот музеј во Крушево; Музејот на Западна Македонија во НОВ – Кичево; Музејот на Тетовскиот крај, како и на Музејот на албанската азбука во Битола.
Во овие национални установи посетителите имаа можност да се запознаат со постојаните археолошки, етнолошки и историски поставки кои претставуваат пресек на културниот и историскиот развој на овие региони.
Националната опера и балет се приклучи во прославата со концерт на познати оперски арии, којшто се одржа на платото пред институцијата.
Оперските солисти од Националната опера и балет пред публиката изведоа популарни арии од познати оперски дела од: Пучини, Маскањи, Чајковски, Гершвин и Бернштајн.
Во Кинотеката на Република Северна Македонија беше прикажан еден од најтрофејните македонски документарни филмови, „Медена земја“, којшто се претстави на значајни европски фестивали и освои неколку награди, а филмот беше номиниран на 92. церемонија на Оскарите во категориите за најдобар интернационален филм и за најдобар документарен филм. Во Кинотеката од 20 часот се прикажуваше филмот „Исцелител“, кој е прв дебитантски долгометражен филм, со македонско-грчка копродукција, и е добитник на десетици награди и признанија во светот.