Почнува 17. издание на МТФ „Скупи фестивал“

од admin_kult

Седумнаесеттото издание на МТФ „Скупи фестивал“ почнува вечер во 20:00 часот во просториите на Албанскиот театар во Скопје каде што ќе бидат одиграни сите претстави кои се дел од програмата, од 5 до 10 октомври.

Фестивалот, кој годинава ќе се одржи под мотото „Блесок во театарот“, ќе ѝ овозможи на публиката да проследи претстави од: Косово, Турција, Франција, Босна и Херцеговина, Бугарија, како и перформансот што ќе се сработи преку работилница со режисерката Теа Беговска во рамките на Фестивалот.

– Годинава, исто така, публиката ќе има можност да види изложба на плакати од сите 17 изданија на МТФ „Скупи фестивал“, која ќе биде отворена на првиот фестивалски ден. Селектираната програма започнува в четврток, 5 октомври, во 20:00 часот, а ќе настапи ансамблот на Театарот „Ода“ од Приштина со претставата „Арбри“, чиј автор и режисер е Лирак Челај. Сценографијата е на Бурим Арифи, а во претставата играат актерите: Шкумбин Истрефи, Ќендреса Јашари, Лабинот Раци, Даниела Марку, Бленд Садику – известуваат од Фестивалот.

Фестивалот има натпреварувачки карактер и ја доделува наградата за најдобра претстава, а годинава за наградата ќе одлучи тричленото жири: Теја Шугарева, режисерка од Бугарија; Вјољца Бектеши Хамити, актерка од Скопје; Благица Секуловска, драматург од Скопје.

МТФ „Скупи фестивал“ годинава е поддржан и од Министерството за култура.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе