Почина Крсте Џидров-Џиби, еден од најзначајните македонски сценографи и архитект, човек кој со својата посебност беше препознатлив во нашето современо живеење.
Телеграма со сочувство упати и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека преку својата четиридецениска активна театарска работа, Џидров зад себе остави вредно културно наследство кое е дел од богатството и уметничкото шаренило на македонската култура.
„Соработката со сите театри во нашата држава и пошироко, со еминентни режисери, изработените сценографии за над 160 претстави во театрите, но и за многу филмови, се гаранција дека македонската култура вечно ќе го памети. Неговите колеги, пак, ќе го паметат како одличен соработник, искрен колега од сцената, човек кој со вистинска професионалност, но и со широка насмевка и харизма, ги надминуваше сите предизвици“, стои во телеграмата упатена до семејството.
Архитектот Крсте С. Џидров во својот живот се занимавал со многу професии, но најдоследен и најприврзан бил кон театарот, создавајќи над 160 сценографии за театарски претстави, за што доби и награда за животно дело што му ја додели Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Во областа на театарот беше активен од 1970 година, кога беа неговите почетоци како актер во театарскиот авангарден „Театар кај Свети Никита Голтарот“, а продолжија во „Театарската работилница ФФ“ и Детскиот театарски центар (ДТЦ, кино „Напредок“) од Скопје.
Првиот негов ангажман во професионален театар бил во 1983 година, во Албанската драма при тогашниот Театар на народностите во Скопје, за претставата „Бовча“ од Едвард Бонд, во режија на Владимир Милчин. Даде голем продонес и во Детскиот театарски центар во Старата скопска чаршија, каде што беа реализирани преку 40 претстави за деца и младинци, како и разни други културни манифестации.