Македонскиот народен театар информираше за смртта на македонската реномирана актерка Катина Иванова, која повеќе од четири децении беше дел од овој национален театарски ансамбл.
Телеграма со сочувство до Македонскиот народен театар, до семејството и до колегите упати и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која изрази жалење по повод смртта на доајенот на македонското глумиште, почитуваната Катина Иванова.
„Замина голема актерка која на сцената блескаше со посветеност, перфекционизам, професионалец кој имаше одлична целокупна сценска појава. Со својата четиридецениска кариера, Катина Иванова остави значајна и неизбришлива трага во историјата на Македонскиот народен театар и воопшто во театарската но и во филмската уметност на нашите простори. Ќе ја паметиме по нејзиниот ентузијазам и творештво, за што сме ѝ благодарни“, стои во телеграмата со сочувство.
Иванова дипломирала на отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1978 година. На сцената на МНТ дебитира уште како студентка, а по дипломирањето, односно од 1979 г., член е на ансамблот на МНТ, каде остварува улоги во над 45 претстави.
Со подеднаква професионална љубопитност и страст настапува и на сцената на други театри низ Македонија, како и во проекти на независни театарски трупи. Снимила десетина филмови и ТВ серии докажувајќи се како актерка со исклучителен креативен потенцијал.