Директорот на Кумановскиот музеј, Богдан Таневски, познат конзерватор и културен работник во Куманово и во државава, ненадејно почина вчера на 64-годишна возраст. Таневски беше директор на Музејот во Куманово во три мандати: 1994 – 1998; 2002 – 2006 и 2017 – 2022 година. За неколку месеци требаше да замине во пензија.
Таневски е роден на 23 мај 1958 година во Куманово. Основно и средно училиште завршил во Куманово, а во 1984 година дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, отсек Историја на уметноста со археологија.
Во НУ Музеј – Куманово се вработил во јануари 1985 година и како конзерватор работел полни 37 години. Со звањето виш конзерватор се здобил во 1998 додина, а како советник конзерватор работел од 2009 година. Целиот свој живот го посветил на својата професија и развојот на Музејот во Куманово, на зачувувањето и заштитата на културно-историското наследство во Куманово и Македонија.
Во неговота професионална работа како конзерватор има реализирано поголем број проекти во државава. Работеше и на конзервација на музејски експонати со механичко и хемиско чистење од археолошката, историската, ликовната и етнолошката збирка во НУ Музеј – Куманово.
Погребот беше денеска во 13 часот на Градските гробишта во Куманово.