Со портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“, ирскиот поет Гевин Бредли и македонскиот Димитар Башевски, денеска продолжува програмата на 62. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“.
Во рамките на програмата се предвидени и поетски читања на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, изложба „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“, како и традиционалните „Ноќи без интерпункција“.
На „Струшките вечери на поезијата“ поетски читања ќе имаат поетите од платформата „Версополис“, а ќе бидат промовирани и антологиите „Меѓу дрвјата“ и „Антологија на најмлада македонска поезија“.
Манифестацијата почна вчера со традиционалното садење дрво во Паркот на поезијата. Дрвото го насади добитникот на „Златен венец“ – познатиот македонски поет, писател и кижевник Влада Урошевиќ. Свеченото отворање на фестивалот „Струшки вечери на поезија“ и палењето на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата беа проследени со музички перформанс во изведба на култниот македонски музичар Џијан Емин и со спектакуларен огномет.