Во МАНУ денеска се одржа поетското читање со кое традиционално се одбележува 21 Март – Светскиот ден на поезијата. Ова поетско читање е заедничко чествување од страна на Македонскиот ПЕН-центар и Друштвото на писателите на Македонија. Најпрвин, Поетското послание за 2022 година го прочита нашиот истакнат поет Никола Маџиров, а потоа следуваше настапот на истакнати поети членови на Македонскиот ПЕН-центар и на Друштвото на писателите на Македонија.
Меѓу поединечните настапи на поетите, беа прочитани и пет песни од украински поети како гест на поддршка за запирање на сите воени дејства и враќање на мирот во Украина.
Учесници на годинашново поетско читање беа: Катица Ќулафкова, Димитар Башевски, Виолета Танчева-Златева, Веле Смилевски, Дeлвинa Крлуку, Зоран Анчевски, Иван Џепароски, Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски, Јовица Ивановски, Сузана В. Спасовска, Тихомир Јанчовски, Никола Маџиров и Влада Урошевиќ.
Поетското читање по повод Светскиот ден на поезијата годинава се надоврза кон свеченото прогласување на лауреатите на СВП во МАНУ. Добитник на „Златен венец“ за 2022 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е најзначајниот жив јапонски поет, Шунтаро Таникава, а добитник на наградата „Мостови на Струга“ за најдобра меѓународна дебитантска поетска книга е италијанскиот поет Џерардо Мазучо.