По повод 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, во Музејот на македонската борба денеска беше отворена изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872 – 2022)“.
На отворањето на изложбата, на која Државниот архив претставува материјали што нашата јавност може да ги види за првпат, присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Изложбата, чиј покровител е претседателот Стево Пендаровски, содржи архивски документи и фотографии што го прикажуваат ликот и делото на Делчев од повеќе аспекти, а најмногу како идеолог и организатор на македонското националноослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век.