Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), во соработка со УНЕСКО, го објави Конкурсот за меѓународната поетска награда „Мостови на Струга“ за 2023 година за најдобра дебитантска книга од млад автор, до 35 години.
Конкурсот е објавен на веб-страницата на НУ „Струшки вечери на поезијата“: https://svp.org.mk/mk/mostovi-2023-bridges/ и трае до 21 февруари годинава, до кога сите книги и пријави треба да пристигнат на поштенската адреса на „Струшки вечери на поезијата“, или во електронска форма на адресата: struga@svp.org.mk.
Конкурсот е наменет за дебитантски книги на млади поети под 35 години кои се издадени во претходните две години, 2021 и 2022 година.
Лауреатот ќе биде објавен на Светскиот ден на поезијата, 21 март 2023 година.
– Националните комисии на УНЕСКО се поканети да ги примат апликациите и за тоа да ги информираат Струшките вечери на поезијата. Наградата вклучува статуета, паричен износ и објавување на книга на поетот лауреат во превод на македонски јазик – стои во соопштението на „Струшките вечери на позеијата“.
Поетот лауреат ќе биде поканет да учествува на годинашното издание на „Струшките вечери на поезијата“ во Струга, Северна Македонија, кон крајот на август 2023 година, каде што и ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.
Наградата „Мостови на Струга“ е востановена во 2003 година, како дел од опсежната соработка со УНЕСКО, а по повод прославата на Светскиот ден на поезијата – 21 Март, со цел да се стимулира, промовира и да се афирмира поетското творештво како еден од најзначајните креативни изрази на човештвото. Секоја година, СВП и УНЕСКО заеднички го чествуваат овој ден, при што официјално се соопштуваат и промовираат добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“.