Со поетското читање „Мостови“ и со врачувањето на наградитe, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга“, заврши 61. издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.
Свеченото затворање на манифестацијата и годинава се одржа на Мостот на поезијата.
Годинашниот лауреат, јапонскиот поет Шунтаро Таникава, поради поодмината возраст не присуствуваше на фестивалот, а признанието го прими неговиот син, истакнатиот јапонски композитор и пијанист Кенсаку Таникава.
Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2022 година за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на „Струшките вечери на поезијата“ му беше врачена на македонскиот поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски за збирката „Збунети компаси“.
Признанието „Мостови на Струга“, што УНЕСКО и „Струшките вечери на поезијата“ го доделуваат за најдобар поет дебитант, му беше врачено на италијанскиот поет Џерардо Мазучо.
Фестивалот, традиционално, ќе заврши со поетско читање во Скопје што ќе се одржи денеска во Даут-пашиниот амам со почеток во 20:30 часот.