Мултимедијалниот настан „Зборувај за Скопје“ отворен во  Музејот на Град Скопје

од admin_kult

„Скопје – градот феникс“ е наречена изложбата што беше отворена вчеравечер во Музејот на Град Скопје, а подготвена по повод 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година.

Заменик-министерот за култура, Даим Лучи, на отворањето на изложбата рече дека и по 60 години, многу скопски семејства неизбришливо го паметат утротo на 26 јули 1963 година, но ги паметат и солидарност, љубовта и оптимизмот за обнова на градот.

„И покрај тоа што и денес може да се видат последиците од земјотресот, траурниот настан означи почеток на еден нов развој, почеток на нова урбанизација, почеток на ново видување за иднината на економскиот и административниот центар на државата. Се вратија оптимизмот и надежта на овој град, а собраниот и обединет свет со неизмерна верба и љубов помогна во градењето на новото Скопје, кое стана симбол на човековата пожртвуваност, хуманост и солидарност“, рече Лучи.

Тој го искажа своето задоволство што Скопје има свежа сила која преку уметност го одржува урбаниот лик на градот, а тоа е независната сцена која преку вечерашната мултимедијална програма со изложба, филмски проекции, музика и забава го гради уникатниот живот на Скопје. Изложбата ја раскажува приказната за катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 јули 1963 година.

Животот во градот непосредно по земјотресот и сето она што ќе следува во првите месеци по катастрофата е раскажано на паноата и преку изложените музејски предмети и материјали. Посебен дел е посветен на меѓународната манифестација „Средба на солидарноста“, исклучително значаен настан за градот Скопје во 1960-тите години на 20 век, а се застапени и многубројните меѓународни спортски настани одржани во знакот на солидарноста во периодот од 1963 до 1981 година. Во соработка со Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ, УКИМ – Скопје, подготвено е сеизмолошко катче каде што посетителите имаа можност да ѕирнат во тајните на сеизмологијата.

Автор на изложбата која ќе биде поставена до крајот на август, е Зоја Богдановска, кустос советник историчар во Музејот. 

Покрај изложбата, во рамки на мултимедијалниот настан „Зборувај за Скопје“ во организација на Музејот на Град Скопје и во соработка со платформата „Терапија“, настапија и македонски изведувачи и диџеи, меѓу кои Андреј Мицајков, Соња Исмаил и Тамара Тодевска, кои во придружба на оркестарот на Здружението на џез музичари и слободни уметници, потсетија на некои од најубавите македонски евергрини.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе