Музика од Збигњев Прајснер напишана за филмовите на режисерот Кшиштоф Кишловски ќе биде изведена вечер од 20 часот од Оркестарот на Националната филхармонија под диригентската палка на Николас Чалмерс од Англија.
– На програмата се: „Лакримоса“ од „Реквием за мојот пријател“, селекција на филмска музика од филмовите: „Декалог“, „Тајната градина“, „Двојниот живот на Вероника“, „Трибои: сино, бело и црвено“. Како солистка ќе ја чуеме Филипа Бојл од Англија, а ќе настапи и хорот „Про арс“ – информираат од Филхармонија.
Збигњев Прајснер (1955) е еден од водечките композитори на филмска музика и еден од најзначајните во неговата генерација. Прајснер соработуваше со познатиот полски режисер Кшиштоф Кишловски на неговите филмови „Декалог“, „Двојниот живот на Вероника“, трилогијата „Три бои: сино, бело и црвено“, кои му донесоа интернационална слава. Токму за неговиот близок пријател и соработник Кишловски го пишува првото поголемо дело, „Реквием за мојот пријател“, што го издава во 1998 година за „Ворнер класикс“. Истата година делото ја доживува и својата светска премиера во Варшава. Делото е издадено и на цеде и на винил од издавачката куќа „Сони Поланд“. „Реквиемот“ е напишан во девет ставови.