Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска му пожела срдечно добредојде и успешна дипломатска мисија на новоименуваниот амбасадор на Република Индија во Бугарија, со надлежност и за Република Северна Македонија.
На средбата, министерката Костадиновска-Стојчевска го истакна интересот на Министерството за култура за проширување на културната соработка меѓу двете земји преку потпишување меѓудржавни документи, како и со поголемо ангажирање и иницијатива на институциите од двете страни.
Индискиот амбасадор изрази интерес за воспоставување директна соработка меѓу сродните институции од областа на културата, особено од заштитата на културното наследство. Тој додаде дека треба да се искористат можностите за гостување на уметници и проекти во двете земји.
Соговорниците се согласија во следниот период и двете страни да вложат повеќе енергија за унапредување на билатералните односи во областа на културата и приближување на двата народа, кои имаат богата и разновидна култура и меѓусебна силна врска преку ликот и делото на Мајка Тереза.