Во присуство на повеќе гости од дипломатскиот кор, од јавниот и од културниот живот, меѓу кои и духовниот водач на бектешите Баба Монди, во Македонскиот културно-информативен центар во Тирана, Р Албанија, се одржа промоција на романот „Осмото светско чудо“ (Mrekullia e Tet ë Botërore) од македонскиот писател и поранешен дипломат Јордан Плевнеш.
На промоцијата, која помина во пријатна атмосфера, пред присутните говореше деканот на Академијата „Маруби“ од Тирана, Кујтим Чашку, кој истакна: „Ова е роман кој не е значаен само за македонската литература, туку многу повеќе за албанската современа литература и за целиот денешен европски свет“. Книжевниот критичар Бен Андони, пак, правејќи споредба со делото „Хазардски речник“ од Павиќ, романот на Плевнеш го спореди со повеќе значајни дела од балканската литература.
![](https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2022/05/Tirana-odbrana.jpg)
За романот говореа и Хаќиф Мулиќи, драматург и уметнички критичар, и Агим Пољоска од Филололошкиот факултет во Скопје, кој е преведувач на романот.
Извадоци од романот цитираа актерите Џоана Карај од Универзитетот на уметностите во Тирана и Лаерти Васили, еден од најпознатите актери од Националниот театар во Тирана.
Јордан Плевнеш е познат писател со меѓународна репутација, автор на повеќе театарски драми објавени и изведени во над 50 земји во светот.
Атмосферата беше надополнета со настапот на дел од членовите на музичкиот состав „Тирана – Тирона сите ѕвезди“ (Tirana – Tirona all stars).