Краткиот игран филм „Северен пол“ на македонската режисерка Марија Апчевска влезе во селекцијата за Златна палма на престојниот 74. Кански фестивал. Ова е првпат македонски краток филм да е во трката за Златната палма. „Северен пол“ е избран меѓу 10-те кандидати за престижната награда од пријавените 3.739 филмови, објави фестивалот.
Селекцијата куси филмови, меѓу кои и дела од Бразил, Данска, Кина, Франција, Хонгконг, Иран Португалија и првпат од Косово, ќе се прикаже на 16 јули, а победникот ќе биде објавен на свеченото затварање на фестивалот на 17 јули.
Во 1991, македонскиот режисер Митко Панов ја освои Златната палма за краткиот филм „Со кренати раце“, кој беше снимен во 1985, а во Кан учествуваше како филм од Полска затоа што авторот го сними додека студираше на Филмската школа во Лоѓ.
Апчевска го снимаше 15-минутниот филм во јануари во Скопје и Македонска Каменица, по нејзино сценарио, а во продукција на „Кино Око“. Главните улоги ги играат Антонија Белезелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, а костимите се на Билјана Гргур.
Филмот е копродукција помеѓу Македонија и Србија. Продуцент е Роберт Насков, а копродуценти Милош Љубомировиќ и Горан Тодориќ. Беше поддржан со 2,2 милиони денари (околу 35.000 евра) од македонската Агенција за филм на конкурсот во 2019.
По наградуваниот „Бардо“ (2012) и „Амби“ (2017), ова е трет краток филм на Апчевска.