Костадиновска-Стојчевска: Деведесет милиони денари поддршка за инфраструктурата на културата во општините

од admin_kult

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска се обрати на панел-дискусијата „Инвестициите во инфраструктурата и во културата – траен влог за идните генерации“ и рече дека со средствата за капитални дотации во културата за единиците на локалната самоуправа, кои во последниве две години изнесуваат 90 милиони денари, се потврдува посветеноста на Владата и на Министерството за култура за рамномерен културен развој на локалните самоуправи. 

„Капиталните дотации за општините се ставка која се актуализираше минатата година и која досега не изнесувала повеќе од еден милион денари. Она што е значајно е фактот што минатата година за капитални дотации беа издвоени 40 милиони денари. Инвестиравме во општините Кратово, Валандово, Кривогаштани, Делчево, општини во кои, како што кажаа и самите градоначалници, никогаш досега немало капитални дотации. Оваа, 2024 година таа ставка изнесува 50 милиони денари и целта е секоја следна година таа сума да изнесува колку што е можно повеќе“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска. 

               Таа додаде дека културата не треба да биде централизирана само во Скопје туку треба да биде достапна во секој општина. Токму затоа напомна дека градоначалниците кои минатата година подготвија проекти, тие беа добро прифатени и беа завршени во календарската година. Па така, сега имаме прекрасен простор во Делчево, општините Кратово и Крушево набавија урбана опрема за која во изминатите години трошеле многу пари, а Општина Валандово го реновираше кино-просторот. Со тоа покажавме дека секоја општина треба да ја ужива културата, а тоа да не биде само во Скопје.

Во врска со инвестициите во културата, Костадиновска-Стојчевска го сподели фактот дека во последниве две години се вложени 900 милиони денари за санација и реконструкција на постојните објекти на националните установи во повеќе градови во државава.  

„Продолжуваме со изградбата на театарот и библиотеката во Тетово, на Турскиот театар, издвоивме 32,8 милиони денари за целосна обнова на старото училиште во Љубојно, започнуваме со реконструкција на Музејот на Македонија, заврши целиот процес околу преземање на правото за реконструкција на Универзалната сала, а продолжуваме со инвестиции за реконструкција и во Курбиново“, рече Костадиновска-Стојчевска и потенцираше дека сево ова е влог во иднината, трајни инвестиции, кои ги чуваат и ги  афирмираат македонскиот идентитет и култура.

Во позитивните придобивки за културата во последниве години, министерката го истакна покачувањето на платите за вработените во секторот за 43 проценти, со тенденција за нивно зголемување. 
     Во рамките на дводневната конференција „Година на европски можности“, во организација на Владата, заедно со министерката Костадиновска-Стојчевска говорници беа и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на Управата за заштита на културното наследство, Зоран Павлов, проф. д-р Весна Костовска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, и директорот на ЖРСМ Инфраструктура, Зоран Трифуновски.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе