Во Кинотеката на Северна Македонија денеска беше промовиран новиот проект „Култура и креативност за Западен Балкан“, финансиран од Европската Унија, а имплементиран од УНЕСКО, Британскиот совет и Италијанската агенција за развојна соработка.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во своето обраќање ја поздрави препознаената вредност на културата во земјите од Западен Балкан и изрази уверување дека со овој повик до уметниците и до културните работници, меѓукултурниот дијалог добива огромна шанса и свои пет минути.
„Кога на земјите од Западен Балкан им отворате прозорец за културна соработка, им помагате во надминување на бариерите за регионално поврзување и во градењето на капацитет за меѓусебна соработка, вие ширум ја отворате и вратата за големиот потенцијал на културата и на креативните луѓе од овој дел на Европа“, подвлече Костадиновска-Стојчевска.
Во тој контекст, министерката за култура потенцираше дека проектите од над еден милион евра се сериозна поддршка и поттик за културните работници и за уметниците од Западен Балкан во процесот на проширување на Европската Унија.
„Убедена сум, додаде таа, дека тие со својата умешност и креативност можат да ги придобијат и најголемите скептици кон проширувањето.“
Претставниците од проектот, чија цел е поттикнување на меѓукултурниот дијалог во Западен Балкан преку зацврстување на културните и креативните сектори, во неколку отворени информативни сесии ги презентираа деталите и критериумите за аплицирањето на двата отворени повика: за доставување предлози од организации и институции и за изразување интерес на поединци заинтересирани да придонесат кон зацврстување на културниот и креативниот сектор и хармонизација нa Западен Балкан.
Министерката Костадиновска-Стојчевска, поканувајќи ги сите заинтересирани да аплицираат на повиците, потенцираше дека Министерството за култура им стои на располагање и како партнер во овој проект и како помош при аплицирањето.
„Затоа, ги повикувам институциите, установите, приватниот сектор и граѓанските организации во културата, уметниците, медиумските професионалци и културни оператори, сите креативци да се мобилизираат и да се одзват на овој повик, да аплицираат и заедно, со помош на нашите докажани пријатели, да го дадеме и да го размениме најдоброто за и во културата“, порача Костадиновска-Стојчевска.
Критериумите и начинот за аплицирање во рамките на проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ може да се најдат на следните линкови: за физички лица: https://bit.ly/3WIGEji, со рок за поднесување најдоцна до 15 март 2023 година, а за организации и институции: https://bit.ly/3jl7S1F, со рок за поднесување најдоцна до 31 март 2023 година.