Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска на маргините на 42. Генерална конференција на УНЕСКО, која се одржува во Париз, се сретна со својот бугарски колега, министерот за култура Крастју Крастев.
Во пријателска атмосфера, на средбата стана збор за традиционално добрата и континуирана соработка меѓу двете држави, која се одликува со размена на голем број проекти и активности. Соговорниците се согласија дека културата е мост на пријателство меѓу двете држави, а во таа насока треба да продолжи соработката и во следниот период.
На средбата беше истакнато дека билатералните средби на министерско ниво говорат за квалитетот на соработката меѓу институциите и реализација на големи настани од регионално значење, како што беше изложбата за јубилејот на локалитетот Требениште, која наиде на одличен интерес кај бугарската јавност, како и претстојната „Сребрена Тракија“, која следната недела ќе биде отворена во Археолошкиот музеј во Скопје.
Беше истакната и соработката на институциите од двете држави, како и размената на проекти на Националната опера и балет и Велешкиот театар со сродните институции во Бугарија.
Стана збор и за добрата комуникација што ја имаат Културно-информативните центри во Софија и во Скопје, како и за идеите за поинтензивна промоција на македонската и на бугарската култура, имајќи предвид дека годинава се прославуваат 20 години од постоењето на македонскиот КИЦ во Софија.
Костадиновска-Стојчевска и Крастев разговараа и за активностите поврзани со процесите на УНЕСКО и за идните можности за соработка во рамките на иницијативите на Организацијата. Беа разгледани и можностите за техничка поддршка во процесите од областа на културата за имплементирање на проектите на евроинтеграцискиот пат на нашата држава.