Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска присуствуваше на работна средба меѓу претставници од Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ).
На средбата стана збор за сличните проблеми што ги споделуваат, а за нив говореа претседателите на ДПМ и на ДЛУМ, Христо Петрески и Јана Манева-Чупоска, и претседателот на Собранието на СОКОМ, Јане Коџабишија.
Потенцирајќи ја важноста на овие најстари еснафски здруженија и културната меморија што ја имаат во општеството, нивните раководства ја информираа министерката за кадровските, финансиските и просторните проблеми со кои се соочуваат.
Министерката Костадиносвка-Стојчевска ги поддржа нивните заложби и барања и рече дека Министерството е отворено за соработка и за изнаоѓање механизми за дел од тие отворени прашања да се решат. Оваа средба на трите здруженија се одржа по многу години, а на неа беше иницирано и потпишување на заеднички меморандум за соработка зашто, како што рекоа, уметноста е неделива, а здружени веруваат дека ќе постигнат повисоки резултати.