Костадиновска-Стојчевска на „Денови на комедијата“ во Куманово: На овие штици актерите успеваат да ги насмеат посетителите и за момент да ги оддалечат од грижите

од admin_kult

Многубројна публика ја проследи театарската претстава „Синиот портокал“, во изведба на Театарот од Велес, со која вчеравечер во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово беше отворен Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на свеченото отворање на Фестивалот, кој оваа година бележи 26 години од формирањето, се обрати пред љубителите на комедијата и рече: „Од идејата на создавачите до остварувањата на нивните следбеници, вложени се многу љубов и посветеност за тој да прерасне во еден од најпопуларните фестивали во државава, а сепак да биде препознатлив и уникатен“.

„Со секоја одиграна претстава се калеше фестивалската приказна, а тоа претставуваше одлична можност за вљубениците во театарската уметност, преку еден од најспецифичните жанрови – комедијата, да ја негуваат и да ја развиваат театарската култура која прерасна во традиција. Токму тука, во градот на безвременското ремек-дело ’Бегалка‘ од Васил Иљоски  и неговата Ленче Кумановче, кои се синоним и препознатлив белег на Куманово“, истакна Костадиновска-Стојчевска.

Министерството за култура останува партнер и традиционален поддржувач на овој фестивал кој со својата долговечност дава особен придонес кон развојот на македонската култура и културното живеење. На репертоарот на 26. издание на Фестивалот се 11 театарски комедии во изведба на македонски театри и на театри од Србија, Хрватска и од Бугарија. Од минатата година, Фестивалот има натпреварувачки карактер, а ќе се натпреваруваат 10 театарски претстави.

Годинашeн лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“ е истакнатиот македонски режисер и актер Коле Ангеловски.

„Творечкиот опус на доајенот на македонскиот тетар и филм Коле Ангеловски е разновиден и особено ми е драго што како еден од најистакнатите културни работници, кој целиот свој живот го посвети на уметноста и за уметноста, особено во делот на комедијата, вечерва ќе го добие признанието Васил Иљоски“, рече Костадиновска-Стојчевска. Таа додаде дека тој се вбројува во класата на врвните актерски великани Илија Струмениковски, Шенка Колозова, Стојна Костовска и Благоја Чоревски, кои во претходните години беа лауреати на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“. 

Сите претстави на Фестивалот ќе ни потврдат дека нема поискрен и почист израз од театарскиот и дека сѐ уште театарот е место каде што може да се заборават сите проблеми од секојдневието. Низ годините, публиката имаше убава можност да проследи 210 претстави во изведба на професионални театри од нашата Република и од театарските куќи од регионот, а со тоа Фестивалот ја потврдува својата успешност. Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“ стекна голем углед и стана препознатлив белег на културното живеење на Куманово. Фестивалот, кој започна синоќа, ќе трае до 14 октомври. На 15 октомври се доделуваат наградите за претставите и се игра претстава во чест на наградените.

Ќе бидат доделени награди за најдобар актер, актерка, сценографија, режија, костимографија, споредна улога и најдобра претстава.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе