Костадиновска-Стојчевска: Македонската култура веќе е во Европа, со членството во ЕУ ќе се зголеми нејзината афирмација 

од admin_kult

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на панел – дискусијата  „Инвестициите во инфраструктурата и во културата – траен влог за идните генерации“, зборуваше за европските можности што нудат поврзување на македонската култура и институции со регионот и со Европа, потенцирајќи ја важноста заедно да се дејствува во надминувањето на предизвиците во културата. 

На конференцијата „Година на европски можности“, во организација на Владата, министерката за култура рече дека оваа година продолжуваме со остварување на сите активности што ги имавме зацртано преку претставување на сите културни установи и на сето она што го имаме како богатство како во државава така и надвор од неа. Во таа насока, таа ја истакна активноста на македонските културно-информативни центри во Тирана, Софија, Њујорк и во Загреб.

„Македонската култура веќе е во ЕУ. Мораме да го завршиме процесот на ЕУ-интеграции за да имаме уште поголема соработка во областа на културата, за да можеме да ги дооствариме сите зацртани цели што ги имаме во однос на културната соработка. И токму затоа велам дека македонската култура одамна е во Европа, ние сме како такви признаени, нашиот јазик, идентитет, историја и култура се признаени во ЕУ, само треба да го завршиме евроитеграцискиот процес, со што ќе се овозможи послободно движење на културните работници и за да можеме уште повеќе да се пофалиме со она што го имаме“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура посочи дека оваа година, Министерството за култура продолжува со санацијата на спомениците од НОБ и Револуцијата, програма што ја започна минатата година, како и со реконструкција на објектот на Музејот на Македонија, кој се издвојува по вредноста на своите збирки и Галеријата на икони, а кој не е реновиран од кога е изграден.

Министерството за култура, исто така, останува посветено на стимулирањето на творештвото за млади преку новите конкурси и продолжува да се грижи за континуитетот на секоја дејност со формирањето 8 нови национални установи. 

Костадиновска-Стојчевска, на панел-дискусијата за инвестиции во инфраструктурата и во културата, ја истакна успешната прва реституција во државава и посочи дека е во тек постапката за враќање на уште 37 идентификувани македонски икони од Албанија во нашата држава.  

На панел-дискусијата, за заштитата на културното наследство и напредокот во заштитата на Охридскиот Регион говореше директорот на Управата за заштита на културното наследство, Зоран Павлов, а за придобивките од донесувањето на новиот Закон за употребата на македонскиот јазик, професорката од Институтот за македонски јазик, д-р Весна Костовска.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе