Костадиновска-Стојчевска: Имаме долг да го негуваме и да го зачуваме раскошното стебло на македонистиката

од admin_kult

– „Јас го посеав семето, а вие бидете живи да го ожнеете неговиот плод“ – по зборовите на Димитар Миладинов, ние секојдневно го береме плодот, но во исто време имаме долг и да го негуваме и да го зачуваме раскошното стебло на македонистиката – порача министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната свеченост во Клубот на пратениците по повод одбележувањето на Денот на македонскиот јазик – 5 Мај.

На свечениот настан, кој беше во организација на Министерството за култура, присуствуваа и: претседателот на Владата Димитар Ковачевски, министри, претставници на дипломатскиот кор, професори и други видни личности од јавниот и од политичкиот живот во земјава.

Честитајќи го Денот на македонскиот современ јазик, министерката за култура истакна дека денешниот настан се реализира во чест на основоположниците на словенската писменост и литература, во чест на сите што создадоа, собираа и оставија и во чест на денешните автори кои го негуваат нашиот јазик.

Таа, цитирајќи го професор Виктор Фридман кој вели дека „Македонскиот јазик е по толку нешта уникатен што не може да биде ничија копија“, им се заблагодари и на сите оние на кои, како што рече, македонскиот јазик не им е мајчин, но го научија со љубов и го говорат од душа.

– Македонскиот јазик има многу особености кои кажуваат сè. И македонската азбука е уникатна – единствено таа има 31 буква, како 31 причина зошто го сакам, го љубам македонскиот јазик . Единствено таа од словенските јазици ги содржи буквите Ѕ , Ќ и Ѓ – додаде Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура порача дека во оваа глобална миграција и мешање на јазиците, не смееме да ја загубиме битката со лошата страна на модерното време и да го заборавиме и богатството од дијалекти со кое изобилуваме.

– На овој мал простор, во некои краеви со мештаните едвај би се разбрале од прва. Затоа ни беше неопходен Блаже Конески,  ова наше јазично богатство, како база, да го кодифицира, да го преточи во современ, литературен македонски јазик. Шармот на нашите дијалекти кој го зачувуваме од заборавот користејќи ја добрата страна на дигитализацијата, пред сè, на картотеките во Институтот за македонски јазик, е потврда дека нас, Македонците, нè има насекаде. И ќе не има сè додека говориме и им говориме на нашите поколенија на македонски – порача министерката за култура.

На крајот во своето обраќање министерката Костадиновска-Стојчевска го најави и Конкурсот „Цртаj на македонски јазик“, кој веќе е објавен на веб страницата на Министерството за култура. Целта на Конкурсот е стимулирање на секојдневната употреба на современиот македонскиот јазик и преку изразот кој им прилега особено на младите – графитите како ѕидни писанија.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе