Се уредува старото училиште во Тресонче, родното село на познатиот македонски иконописец, фрескосликар и претставник на Дебарската школа, Дичо Зограф.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, денеска ја посетија локацијата на Основното училиште „Димитар Ормански“ во Тресонче, каде што со капитални дотации од Министерството за култура во износ од 5,3 милиони денари, старата училишна зграда во најстарото мијачко, а со тоа и малореканско село, ќе се ревитализира во мултифункционален културен центар.
„Срдечно ја поздравувам идејата на градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, токму во годината кога одбележуваме 150 години од смртта на Дичо Зограф, кој е еден од водечките зографи на Дебарската школаи еден однајпознатите иконописци и фрескосликари на Балканот во XIX век, да го обновиме старото училиште во прекрасното Тресонче. На овој начин, со соработката меѓу централната и локалната власт, ја покажуваме нашата грижа за заштитата и негувањето на врвните вредности што ги поседува овој региoн, кој е пребогат со културно наследство. Токму овој регион дал голем број истакнати културни дејци кои се значаен дел од македонската традиција, историја и култура“, рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска. Таа дополни дека оваа година се одбележуваат 100 години од смртта на зографот Аврам Дичов, кој е претставник на Дебарската зографска школа и син на Дичо Зограф.
„Особено е важно што преку овој мултифункционален центар ќе се активираат најразлични содржини кои ќе ја афирмираат културата на регионот и ќе привлечат поголем број гости. Создаваме соодветен дом за честување на делото на Дичо Зограф, репрезентативен изложбен простор, место за одржување семинари, и воопшто место каде што ќе го негуваме уметничкото наследство на овој прочуен зограф“, додаде Костадиновска-Стојчевска.
Таа нагласи дека со обновата на старото училиште ќе се создадат и достоинствени услови за сите учесници на традиционалната меѓународна школа „По патеките на Дичо Зограф“, која се одржува во Тресонче секоја година.
„Со вакви инвестиции ќе создадеме соодветни услови каде што ќе се одржуваат многубројни културни настани и ќе се привлекуваат повеќе посетители и туристи кои ќе се запознаваат со културата, историјата и убавините на нашата општина“, додаде градоначалникот Медат Куртовски. Тој го истакна значењето на поддршката на проекти со кои се обезбедува рамномерен развој на државата, особено во помалите места, каде што населението има помали можности за посета на културни настани.
Реконструкцијата на старото училиште во Тресонче е еден од деветте проекти за кои годинава, преку конкурсот за капитални дотации на Министерството за култура, беа издвоени 40 милиони денари.
Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше го посетија и Домот на културата во селото Ростуше каде што со средства од локалната самоуправа е извршена обнова на озвучувањето, а е променета и електричната инсталација во објектот кој се користи за различни културни активности. Во изминатиот период во овој објект беа изведени и реконструктивни зафати, нова фасада, а беа обновени и столовите во Домот, кој е единствено место за културни настани во ова населено место. Тие присуствуваа и на кратката уметничка програма што ја подготвија учениците од основното училиште, кои изведоа перформанс и ора од богатата македонска фолклорна традиција.
Костадиновска-Стојчевска и Куртовски на крајот од посетата се согласија дека соработката меѓу централната и локалната власт е од искучително значење за подобрување на условите во кои функционираат малите домови на културата во малите населени места низ државава.