Конференција во НУБ: „Скопје – Џибелина: споделено минато, повеќекратни можности во иднина“

од admin_kult

Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје денеска се одржа конференцијата „Скопје – Џибелина: споделено минато, повеќекратни можности во иднина“.

На конференцијата, која беше во организација на Амбасадата на Италија во Скопје, се дискутираше за природните катастрофи, односно за разорните земјотреси во Скопје во 1963 година и во Џибелина во 1968 годин, како и за културните, уметничките и архитектонските одговори на овие трагични настани.

Во своето обраќање пред присутните, заменик-министерот за култура Даим Лучи истакна дека денеска се потсетуваме на  минатото, на историјата и судбината на два града, Скопје – Северна Македонија и Џибелина – Италија, кои иако географски оддалечени,  ги обединува трагедијата и издржливоста.

 „Но, врската меѓу Скопје и Џибелина не е само во трагедиите што ги преживеале туку и во моќта на нивното закрепнување. Двата града своето заедничко минато го претворија во извор на сила, единство и инспирација. Токму колективната солидарност и решителност за нивна обнова е она што нѐ инспирира и денес“, истакна заменик-министерот  Лучи.

Тој додаде дека скопјани по земјотресот ги здружија силите, и се впуштија во еден амбициозен проект за реконструкција, замислувајќи ново и модерно Скопје. Архитекти, урбанисти и уметници од целиот свет придонесоа во создавањето и обликувањето на новиот идентитет на градот, а Скопје стана симбол на надежта, солидарноста  и преобразбата, се издигна од пепелта и прерасна во модерна и космополитска дестинација.

„Слично како во Скопје, но само пет години подоцна“, рече замник- министерот, „трагедија се случи и во живописниот град Џибелина во Италија.“

„Трагедијата беше неизмерна, но жителите одбија да му подлегнат на очајот. Тие заедно со уметниците и архитектите, инспирирани од визијата за иднината, тргнаа на ново несекојдневно патување, дизајнирајќи ја Нова Џибелина, која е уште една потврда за моќта на човечката издржливост и креативност“, рече Лучи.

На крајот од своето обраќање, Лучи посочи дека денес, додека размислуваме и дискутираме за заедничкото минато црпејќи инспирација од приказните за издржливоста на Скопје и на Џибелина, треба  да учиме од него и да ја обликуваме новата иднина.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе