Книгата „Човечулец“ од македонскиот писател Александар Прокопиев ќе биде претставена на 11. издание на „Европската ноќ на литературата“ што ќе се одржува на 7 септември. Ова издание ќе биде промовирано во т.н. „читателско гнездо“ на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија во Центарот за уметности „Арт лабораторија“.
Збирката раскази „Човечулец“ излезе во превод на бугарски јазик оваа година, во издание на издавачката куќа „Книги за сите“. Преводот од македонски на бугарски јазик го направи Деница Проданова, а во читателското гнездо во Софија делови од книгата ќе читаат актерите Ѓорги Георгиев-Антика и Игор Дамјанов.
„Европската ноќ на литературата“ е традиционална манифестација во чии рамки, во во 18 градови низ Бугарија, се организираат настани од областа на литературата. Настанот има цел да ја популаризира добрата европска литература преку литературни читања на нестандардни места, во таканаречените „читателски гнезда“, во кои познати личности читаат еден ист дел од книга на секои 30 минути – од 18:00 до 21:30 часот. Публиката има можност да ги менува местата каде што се читаат делови од различна литература и да се запознае со современото творештво на различни европски автори.
Организатори на настанот се амбасади и културни центри во Бугарија.