Со концерт на Камерниот оркестар од Битола и 11 млади интерпретатори, вечер почнува реализацијата на проектот „Летај галебе“ – посветен на творештвото на маестро Кире Костов.
Според организаторите, настанот ќе биде одлична можност за промоција на македонското музичко наследство, низ модел адаптиран за сите генерациски структури, со цел зачувување и негување на автентичниот македонски мелос, низ интерпретација на младите изведувачи од земјава.
Музичкиот настан, што ќе се одржи во Центарот за култура, е увертира на проектот од национален интерес „Летај галебе“.
Во рамките на проектната платформа „Летај галебе“, што ќе трае од јуни 2024 до април 2025 година, кон крајот на годинава е предвидена и пригодна промоција на книгата – Омаж за ликот и делото на легендарниот композитор, а веќе следната година и гала-концерт на еминентните изведувачи во земјава, со Моцартов состав, во Националната опера и балет.
Иницијатор на проектната платформа „Летај галебе“ е сопругата на маестро Костов, Кармен Костова.