ИН МЕМОРИЈАМ: Почина филмскиот продуцент Горјан Тозија-Медо

од admin_kult

Денеска, на 68-годишна возраст, почина филмскиот продуцент и поранешен директор на Агенцијата за филм, Горјан Тозија-Медо.

Министерката за култура, Ирена Стефоска, по повод смртта на Горјан Тозија, упати телеграма со сочувство.

„Македонската култура од денеска е посиромашна за уште една личност која својот живот неуморно и со особена жар и емоција го посвети на развојот на македонската кинематографија. Ќе го паметиме како човек со посебна харизма што ретко се среќава и ќе му бидеме благодарни за неговиот придонес во развојот, унапредувањето и афирмацијата на македонската култура“, стои во телеграмата.

Тозија беше филмски продуцент, поранешен државен секретар во Министерството за култура и советник во Kабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Беше претседател на Друштвото на филмски работници (ДФРМ), а во 1993 стана директор на државниот продуцент „Вардар филм“. Во тој период „Вардар филм“ ги сними филмовите „Пред дождот“, „Ангели на отпад“, „Преку езерото“, „Џипси меџик“ и учествуваше во реализацијата на два холивудски филма што се снимаа во Македонија – „Миротворец“ и „Добредојде во Сараево“. Како продуцент или копродуцент е потпишан на 60 филмски остварувања, меѓу кои и светски продукции од Холивуд, Би-би-си. Тозија беше член на Европскиот продуцентски клуб, како  и дел од многубројни жирија на реномирани фестивали. Тој иницираше и учествуваше и во креирање на повеќе стратегиии и закони за филм.

Комеморацијата во чест на филмскиот продуцент Горјан Тозија ќе се одржи в петок (14.1.2022 г.), во 11 часот во Кинотеката на Република Северна Македонија.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на Р.С.Македонија користи т.н."колачиња" со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе