Под покровителство на министерствата за култура на Северна Македонија, Србија и на Албанија, а во рамки на културната програма на иницијативата Отворен Балкан, на 13 јули (четврток) 2023 година, во 20:00 часот, во Културниот центар на Србија во Париз, ќе биде отворена изложбата „Супстрати“.
На изложбата пред меѓународната јавност ќе бидат претставени новите проекти на уметниците: Кристина Пулејкова (Северна Македонија), Нина Жељковиќ (Србија) и Дриант Зенели (Албанија).
Куратор на изложбата е Клаудија Пецолд, основач на порталот за подигнување на свеста за преобразба на природното и културно наследство Curating Evolution, која фокусирајќи се на современата уметност ги нагласува фундаменталните врски помеѓу трите земји во рамки на Отворен Балкан.
Реализацијата на културната програма на Отворен Балкан овозможува балканските земји преку својата уметничка сцена, во современ концепт да ја претстават балканската култура и воедно преку интеркултурен дијалог и интердисциплинарен пристап, да ги промовираат специфичните културни и уметнички карактеристики на Балканот.
Изложбата „Супстрати“, ќе биде отворена за јавноста до 12 август 2023 година.