Изложбата на Ристо Лозаноски е настан кој ги одбележува националните вредности

од admin_kult

Вчеравечер во Даут-пашиниот амам, во Националната галерија на С Македонија, а во рамките на својот програмски концепт на одбележување значајни јубилеи од македонското современо ликовно творештво, беше отворена изложбата по повод 100 години од раѓањето на уметникот Ристо Лозаноски (1923 – 1965), еден од оние автори што, во одреден културно-историски контекст, одиграле важна улога во дефинирањето на она што го нарекуваме денес македонска историја на уметноста.

Изложбата ја отвори државната секретарка на Министерството за култура и туризам, Марија Станчевска-Ѓоргова, која истакна дека поставката по повод 100 години од раѓањето на Лозаноски и речиси 60 години од неговото физичко заминување, претставува нова можност уште еднаш да се потсетиме на значењето на неговиот ликовен опус кој се карактеризира  со особен творечки јазик кој зазема посебно место во развојот на македонската ликовна уметност.  

„Неговата оригинална и карактеристична умешност е токму способноста да ги обедини индивидуалното, личното и локалното со тенденциите на светската уметничка сцена, а воедно го прави неговото творештво безвременско и инспиративно.  

Творејќи и инспирирајќи се од македонското поднебје, историја и култура, воедно и како непосреден сведок на историски настани, Лозаноски на специфичен ликовен начин го изразува она што неговиот  авторски порив го бара и сака да го изрази. Без оглед на техниката или големината во која се изведени делата, одушевува фактот дека сите тие, дури и оние со мал формат, оддаваат впечаток на грандиозност“, истакна Станчевска-Ѓоргова.

Таа подвлече дека Министерството за култура и туризам дава континуирана поддршка во насока на презентација и афирмација на современата ликовна уметност со цел да биде зачувано, соодветно презентирано и заштитено од заборавот децениското творештво со препознатлив културен белег на многубројни ликовни автори како завет за идните поколенија.  

Истакнувајќи го значењето на изложбата, Станчевска-Ѓоргова додаде: „Оваа средба со дел од творештвото на еден од авторите кои создаваа во специфични историски услови на бурни општествени превирања и пробив на нови ликовни струи и тенденции во македонската современа уметност е доказ и поттик за значењето на негувањето на националните културни вредности“. 

„Прераната смрт на Ристо Лозаноски ја осиромаши македонската уметност за една прогресивна личност чиј понатамошен развој може само да го претпоставиме со изучувањето на она што како автор го оставил зад себе, но и да иницираме понатамошно студиозно проучување на одредени ликовни творечки фази на постојните остварувања“, истакнаа Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос, и Маја Неделкоска-Брзанова, кустос советник и актуелна директорка на Националната галерија.

Изложбата во Даут-пашиниот амам ќе биде поставена до 27 февруари 2025 година.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе