Изведба на обновената опера „Лидија од Македонија“ од Ристо Аврамовски на сцената на НОБ

од admin_kult

Новата сезона во Националната опера и балет ќе биде отворена со обновата на една од најубавите македонски опери, „Лидија од Македонија“, од нашиот композитор Ристо Аврамовски на 16 септември (сабота) со почеток во 20:00 часот.

Диригент на претставата е Иван Еминовиќ. Режисер е Пламен Карталов (Бугарија), обновата на режијата е на Трајко Јордановски, сценографијата е на Панче Минов, а костимографијата на Елена Дончева.  

Во главните улоги ќе настапат: Наде Талевска-Спасовска во улогата на Лидија, Игор Дурловски во улогата на Павле, Драган Ампов во улогата на Силас, Марјан Николовски/Никола Стојчевски во улогата на Тимотеј, Васко Здравков  во улогата на Ангелот човек, Ана Ројдева Талевска/Катерина Стојановска – Асиа, Александра Лазаровска-Василевски/Елена Голомеова – Агиа и Марика Поповиќ/Соња Пендовска  Мадевска – Дина.  Настапуваат хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

Операта „Лидија од Македонија“ е опера во два дела. Создадена е во 2001 година, по нарачка од тогашниот Македонски народен театар. Либретото го направиле Гиј Шелеи и Дора Петрова (Франција) во препев на Лилјана и Јордан Плевнеш.

„Се работи за првата покрстена жена на европскиот простор од Свети Апостол Павле, која се викала Лидија и била од Македонија. Се обработуваат настани што се случиле во тоа време. Тоа е библиска тема“, информираат од Националната опера и балет.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе