Заменик-министерот Лучи: Добитниците на наградата „Денес“ се нашите амбасадори на новото време во уметноста

од admin_kult

Заменик-министерот за култура, Даим Лучи, вчеравечер во Чифте амам се обрати на отворањето на изложбата на тројцата годинaшни добитници на наградата „Денес“, со што се заокружи одбележувањето на јубилејот 20 години од првото доделување на оваа награда за млад визуелен уметник до 35 години.

Годинашни добитници на наградата „Денес“ се: Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ и Бурџу Мусли.

Заменик-министерот Лучи во своето обраќање истакна дека делата што се изложени, се уште една потврда дека современата уметност сама по себе претставува субјективно истражување на природата на уметноста, која во содејство со талентот и светогледот на младоста, се трансформира во уникатно естетско уживање.

Добитниците на наградата Денес – Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ и Бурџу Мусли – се нашите амбасадори на новото време во уметноста, имиња со чии дела и во иднина ќе се гордееме, дома и во светот“, нагласи Лучи. Тој, од името на Министерството за култура и од негово лично име, им честита на добитниците и, како што рече, Министерството за култура беше и останува силен сојузник и поддржувач на младите уметници, на нивниот тежок, но прекрасен пат кон највисоките врвови на современиот уметнички израз.

Наградата „Денес“ е платформа од единствен вид во земјава, која во текот на две децении континуирано им нуди на младите уметници програма за престој на уметници во Њујорк, уникатно искуство во специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, средби и презентации со интернационална жири-комисија и продукција на нови дела во рамките на изложба за наградата.

Таа е основана во 2002 година, како годишна награда за најдобар млад ликовен уметник до 35 години во земјава, од страна на Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк, САД, но официјално првпат беше доделена во 2003 година. Од 2015 година наградата локално ја организира здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ, во рамките на фестивалот „АКТО“.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе