Филмот „Кајмак“ во режија на Милчо Манчевски, чиј носител на проектот е Северна Македонија, како и филмовите и копродукциите „Живи и здрави“ и „Долината на Шарко“, во кои има македонско малцинско копродуцентско учество, се поддржани од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж, на првата сесија во 2021 година.
На својата редовна 162. сесија, која се одржа од 16 до 19 март, Еуримаж финансиски поддржа 24 меѓународни филмски копродукции од вкупно 49 пријавени проекти.
Во категоријата долгометражни играни филмови, Еуримаж највисоко го евалуираше проектот „Кајмак“ на Милчо Манчевски, кој е мнозинска македонска копродукција со Данска и со Бугарија.
Во оваа категорија е поддржан и проектот „Живи и здрави“ во режија на Иван Мариновиќ, копродукција меѓу Црна Гора, Србија, Хрватска, Чешка, во кој Северна Македонија е малцински копродуцент.
Во категоријата документарен филм, исклучително висока оценка доби проектот „Долината на Шарко“ во режија на Петра Селишкар, копродукција меѓу Франција и Словенија, во кој, исто така, Северна Македонија е малцински копродуцент.