Романот „Единствен матичен број“ од писателката Лидија Димковска во издание на „Три“ е добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредност „Славко Јаневски“.
Во конкуренцијата за оваа книжевна награда, која во земјава се доделува по 25. пат, беа 36 романи. При изборот, беа одржани пет состаноци, а во финалето за наградата, освен романот „Единствен матичен број“ од Димковска, беа и романите „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или-или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“).
Генерален покровител на наградата „Роман на годината“ е Комерцијална банка АД Скопје, а наградата е поддржана и од Министерството за култура. Се состои од плакета, уникатна статуета и паричен износ од 150 000 денари.