Драмскиот театар со претставата „Драми на принцезите“ в сабота (1 февруари) гостува во Љубљана, Словенија, каде што од 29 јануари до 3 февруари, во организација на „Местно гледалишче Љубљана“, се одржува словенечкото издание на Регионалниот театарски фестивал РУТА.
Во претставата играат: Јелена Жугиќ, Нина Елзесер, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Сара Кимовска, Трајанка Илиева Вељиќ, Ивана Павлаковиќ и Јасмина Василева.
„Драми на принцезите“ е претстава работена според циклусот постдрамски текстови „Драми на принцезите“, со поднаслов „Смртта и девојката“, на нобеловката Елфриде Јелинек. Преводот од германски јазик го направи Катерина Шекутковска.
Во уметничкиот тим што работеше на претставата е тричлена екипа од млади и талентирани уметници од Словенија. Режијата е на Жива Бизовичар, прв драматург е Ник Жнидаршиќ. Втор драматург и редакција на превод: Викторија Рангелова-Петровска. Сценограф и автор на музиката е Јан Крмељ. Костимите се на костимографот Александар Ношпал.