ДЛУМ – „Годишна изложба“ 2022

од admin_kult

Друштвото на ликовните уметници на Македонија, под покровителство на Министерството за култура на РС Македонија, вечер (18 октомври), со почеток во 20 часот, во Националната галерија (Мала станица) ќе ја отвори  „Годишната изложба“.

„Несомнено е дека годишните или ревијалните изложби на македонските ликовни уметници отсекогаш претставуваат голем културен настан во нашата средина. Затоа тие изложби се значајна состојка од летописот на нашата ликовна уметност. Еден аргумент е непобитен: дека нема македонски ликовен уметник кој не учествувал на тие ревијални изложби, почнувајќи од првата таква изложба во далечната 1945 година па сѐ до денес. Друштвото, за да ја задоволи желбата на сите членови еднаш годишно да ги изложат своите дела на заеднички настап без критериумот на селективност, ја организира оваа ревијална изложба. Впрочем, на тој начин се враќа една убава практика кога секој уметник, член на ДЛУМ, всушност, станува арбитер за себеси, а истовремено ја презема и целата одговорност и ризик на излагањето“, информираат од ДЛУМ. Оттаму додаваат дека оваа година на Годишната изложба учествуваат 55 автори, членови на ДЛУМ, кои се претставуваат во категориите сликарство, скулптура, графика и нови медиуми.

Како и во минатото така и оваа година, Друштвото на ликовните уметници на Македонија на отворањето на изложбата ќе додели неколку награди, и тоа: за сликарство, за скулптура, за графика и за нови медиуми.

Изложбата е финансирана од Министерството за култура и се организира во соработка со Националната галерија на РС Македонија.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе