Во галеријата „Академија“ во Националната академија за ликовни уметности во Софија утре (11 јули), со почеток од 18:30 часот, ќе биде отворена групната ликовна изложба „Средба од десетти вид“. Изложбата е резултат од соработката меѓу Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија и Националната академија за ликовни уметности, како дел од проектот „Поврзување“, кој оваа година ја одбележува својата 10-годишнина. Со настанот започнува и одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Учествуваат авторите: Гордана Вренцоска, Дејан Иванов-Маргуш, Јана Манева-Чупоска, Беди Ибрахим, Маријана Иванова, Перица Георгиев-Пепси, Павел Целкоски, Марјан Ѕингаров, Иво Пецов, Ненад Микиќ, Зоран Мише, Момчил Мирчев, Свилен Стефанов, Росен Тошев, Рикардо Кварежма Виејра, Валтер Праташ и Золтан Ференц.
Изложбата е составена од над 50 дела од областа на цртежот, графиката, сликарството, скулптурата, фотографијата, дигиталната графика и видеоарт. За љубителите на ликовната уметност, изложбата ќе биде отворена до 30 јули 2023 година.