По повод 18 Април, Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, денес сите музеи и локалитети во земјава ќе бидат отворени со бесплатен влез за посетителите.
Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, прогласен од ИКОМОС, а прифатен од УНЕСКО, се одбележува во целиот свет, како и кај нас. Секоја година темите се актуелни и се однесуваат на подигнување на свеста на јавноста за значењето на светското културно наследство, за заштитата, чувањето и афирмацијата на непроценливото богатство откриено преку археологијата.
Годинава, фокусот е на темата „Промените на културното наследство“, која ги опфаќа прашањата за културното наследство што се отвораат со климатските промени.
Во вторник, 18 април, очекуваме голем одзив кај јавноста, зашто македонската култура и уметност имаат светско археолошко богатство кое вреди да се види, да се почувствува и да се чува.
Отворени ќе бидат вратите на: националните установи, заводи и музеи во Битола, Штип, Охрид, Прилеп и во Струмица; Стоби и Хераклеја; Спомен-куќата на Тоше Проески; Археолошкиот музеј; Националната галерија со сите свои објекти; Музејот на современата уметност; Музејот на македонската борба; Историскиот музеј во Крушево; Уметничката галерија во Тетово; Музејот „Д-р Никола Незлобински“ во Струга; Музејот на Западна Македонија во НОВ, во Кичево; Музејот на Тетовскиот крај; музеите во Куманово и во Гевгелија; Природонаучниот музеј; Музејот на Северна Македонија.