Делото „Турска бања“ од Сава Шумановиќ, сопственост на Националната галерија на Република Северна Македонија, кое спаѓа во категоријата културно наследство од особено значење, заедно со делата од Франција, Србија и од Хрватска е изложено во Нови Сад – Европската престолнина на културата за 2022 година. Сликата е претставена во рамките на изложбата „Сава Шумановиќ и европскиот реализам меѓу двете светски војни“.
„Имајќи го предвид фактот дека Нови Сад е Европска престолнина на културата за 2022 година, сметаме дека е исклучително значајна оваа соработка меѓу институциите од Република Северна Македонија и Република Србија. Делото „Турска бања“ на Сава Шумановиќ е едно од делата кои се антологиски, спаѓа во категоријата културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, и ваквата институционална соработка меѓу неколку врвни институции од регионов е од особено значење не само во смисла на презентација на значајни автори кои извршиле влијание врз уметноста на овие простори, туку и како можност за понатамошно продлабочување и размена на дела и знаење“, велат од НГМ.
Во рамките на изложбата, посетителите за првпат имаа можност на три локации да ги видат делата, и тоа: „Капачи” од француските музеи Хонофлер и Ларошел, „Турска бања” од Националната галерија, „Шидијанки”, „Пристаништен агент” од Националната галерија на Музејот на модерна и современа уметност од Риека.
Изложбата опфаќа голем број дела изложени во Спомен-збирката на Павле Бељански, во галеријата „Матица српска“ и во галеријата на слики „Сава Шумановиќ“ во Шид.