„Мистерија и индивидуализам“ е наречена самостојната изложба на уметникот Синиша Новески што беше отворена во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб.
Во изложбениот простор на Информативниот центар беа претставени 12 скулптури од творештвото на Новески, чии многубројни дела се изложени во јавен простор и се дел од приватни колекции во државава, како и во Србија, Бугарија и во Соединетите Американски Држави.
Во присуство на голем број гости, изложбата за отворена ја прогласи проф. д-р Милаим Фетаи, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Република Хрватска.
Изложбата е дел од календарот на настани во доменот на културната дипломатија на Националната галерија. Куратор на изложбата, која се реализираше со поддршка од Министерството за култура, е Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.
За хрватската публика, припадниците на македонската дијаспора и сите љубители на уметноста, изложбата ќе биде достапна до 30 мај.