„Arigato“, или во превод од јапонски јазик „Благодарам“, е насловот на гала-оперскиот концерт кој ќе се одржи на 18 февруари (петок), во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет .
На гала-оперскиот концерт ќе настапат нашите солисти: Сандра Митровска – сопран, Наде Талевска – сопран, Катерина Стојановска – сопран, Елена Голомеова – сопран, Соња Пендовска-Мадевска – мецосопран, Благој Нацоски – тенор, Зоран Сотиров – тенор, Никола Стојчески – тенор, Ристе Велков – баритон, Игор Дурловски – бас, Хорот и Оркестарот на Националната опера и балет.
Диригенти ќе бидат Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, режијата е на Дејан Прошев, дизајн на светло Милчо Александров, концерт-мајстор Климент Тодороски, хор-мајстор Јасмина Ѓорѓеска.
На програмата ќе бидат изведени арии, дуети и хорски делници од опери и оперети од композиторите: В. А. Моцарт, Ш. Гуно, Џ. Пучини, Џ. Верди, Л. Делиб, Р. Штраус, Г. Доницети, Р. Леонкавало, Ф. Лехар …
Инаку, концертот се организира во знак на благодарност кон пријателска Јапонија, по повод реализацијата на проектот од јапонската програма за развој на културата – „Проект за подобрување на музички инструменти, опрема за озвучување и осветлување на Национална опера и балет”.
Проектот кој започна во август 2018 година, а заврши во август 2021 година, се реализираше во соработка со Јапонската организација за меѓународна соработка (ЏАЈКА – Балкан) во рамките на програмата за културни грантови.