Во Чифте амам започнува одбележување на јубилејот 75 години од формирањето на Националната галерија на Северна Македонија

од admin_kult

Во Чифте амам вечерва (19 јули) во 20 часот ќе биде отворена за јавност изложбата под наслов „75 / 75“. Со оваа изложба, Националната галерија на Северна Македонија ги започнува активностите за одбележување на јубилејот 75 години од формирањето на оваа Национална установа.

„Континуираната успешна визија и мисија на нашата институција за собирање, чување, заштита и презентација на културното наследство, симболично ја крунисуваме со изложување на 75 ексклузивни уметнички дела – слики и скулптури“, информираат од НГМ.

Од таму додаваат дека селекцијата на едни од најрано прибавените експонати за нивната колекција, вклучително и исклучително вредни, се базира на дела во кои ликовниот јазик на врвните мајстори се движи од класицизам до модернизам (преку неоромантизам, импресионизам, сецесија итн.), со акцент на студиозно третирање на фигурата и особено портретот.

На изложбата „75 / 75“ ќе бидат претставени дела од повеќе автори, меѓу кои и: Сава Шумановиќ, Матеј Стернен, Константин Данил, Никола Алексиќ, Стефан Тодоровиќ, Весна Соколиќ, Урош Предиќ, Паја Јовановиќ, Матеј Јама, Надежда Петровиќ, Зора Петровиќ, Пјер Крижаниќ, Петар Добровиќ, Моша Пијаде, Влахо Буковац, Крсто Хегедушиќ, Марко Мурат, Леон Коен, Целестин Медовиќ, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Ќорќи Јаков Зографски, Коста Шкодреану, Димитар Андонов Папрадишки, Димитар Пандилов Аврамовски и други.

Изложбата ќе биде отворена за посетители до 19 август. Од Галеријата известуваат дека на 2 август, датум кој се совпаѓа со отворањето на Галеријата, влезот во сите објекти ќе биде бесплатен.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе