Во Eдукативниот културен центар „Лабораториум“ вечер ќе се одржи промоција на првата винил-компилација посветена на современата поп-продукција од млади македонски музичари „Поп култура“ во рамките на платформата „Силата ЕУ младите“. Настанот е во чест на неодамна починатиот Мирко Попов, кој ја основа платформата „Силата ЕУ младите“ што ја издаде плочата.
„Компилацијата претставува значаен историски документ и запис за времето и квалитетот на македонската поп музичка сцена на докажано најквалитетниот носач на звук и сѐ уште најценетиот во светот на музиката (винил), што е куриозитет на домашната сцена. Компилацијата опфаќа селекција песни од најрепрезентативните млади автори на македонската поп музичка сцена“, информираат организаторите.
Платформата „Силата ЕУ младите“ е еден од низата проекти иницирани и програмски уредени од Мирко Попов, кој континуирано и посветено работеше за поддршка на младите и креирање простор за нивно изразување, работа и препознавање како креативна и надоаѓачка сила во музиката и културата. Како продуцент и куратор, го реализира и ова, 13-то винил-издание за дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“.