Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Националната филхармонија ќе ја изведе Симфонијата бр. 5 од австрискиот композитор Густав Малер. Концертот има наслов „Благден“, а диригент е маестро Вања Ѓумар Николовски.
– Симфонијата бр. 5 на австрискиот композитор Густав Малер (1860 – 1911) е безвременско ремек-дело кое совршено ја отсликува неговата мисла „симфонијата е како светот, во неа треба да има сѐ“. Живот, љубов и смрт. Почнува да се развива од темно место, со посмртен марш на самиот почеток, кој преминува во бурен втор став. Потоа симфонијата се движи кон валцер, а Адаџетото, нејзиниот четврти став, е класично љубовно писмо. Финалето е полно со енергија и живот – како чаша шампањ. Симфонијата е напишана во периодот меѓу 1901 и 1902 година. Премиерно била изведена на 18 октомври 1904 година во Келн – информираат од Филхармонијата.