Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб, Хрватска, вечер (25 април) ќе биде организирана уметничка вечер посветена на творештвото на реномираниот македонски писател, драмски автор и теоретичар на стрипот, Томислав Османли.
Како што информираат од КИЦ – Загреб, за повеќестраниот опус на Османли како автор со четиридецениско присуство во македонската култура и уметност ќе зборува директорката на оваа институција, Наталија Поповска, а за неговиот прозен и за дел од драмскиот опус ќе говори режисерот и писател Матко Сршен, професор на Факултетот за драмски уметности во Загреб.
Од КИЦ – Загреб додаваат дека медијатор на уметничката вечер ќе биде проф. д-р Ивица Баковиќ, раководител на Катедрата за македонски јазик и литература при Филозофскиот факултет во Загреб.
Делови од хрватското издание на наградениот и пошироко објавуван роман „Дваесет и првиот“ на Османли ќе читаат студенти, а е предвиден настап на пијанистот Виктор Рафајловски.