Во Камерната сала на Националната филхармонија вечер (6 ноември) во 20 часот концерт ќе одржи реномираниот македонски гитарист Мухамед Ибрахими.
„Го нарекоа скриен гитарски бисер, а за секој негов концерт секогаш се бара место повеќе. Таков е Мухамед Ибрахими, скромен, но маестрален на сцена. Тој својата гитара (мандолина, саз итн.) ја третира на многу неконвенционален начин, доста интуитивен и инспиративен. Неговите композиции се автентична мешавина на повеќе музички стилови, како блуз, рок или амбиентален, но длабоко вкоренети во ориенталната (суфи) традиција и балканскиот фолклор. Овие храбри и елегантни комбинации честопати даваат неочекувани резултати среде уникатен и прекрасен звучен пејзаж. Исклучително импресивно за гледање/слушање во живо“, истакнуваат организаторите на концертот, „Баги комуникции“.
Специјални гости на концертот се: Агни Авшар, Ратко Даутовски и Бобан Мирковски.
Инаку, Мухамед Ибрахими го паметиме како гитарист на групата „БЛА БЛА БЛА“, а многумина го познаваат и како творец кој практикува соработка со различни уметници. Има издадено два албума – „Fly“ во 2014 и „Devotion“ во 2019 година.
Ова ќе биде негов втор солистички концерт годинава, а веќе за следната година подготвува нов материјал и нова соработка.