„Ветар параклет“ е насловот на самостојната изложба на Димитрие Дурацовски која денеска, петок (1 септември), во 20 часот, ќе биде отворена во Националната галерија – објект Чифте амам во Старата скопска чаршија.
Куратор на изложбата е Горанчо Ѓоргиевски, кустос во Националната галерија.
Димитрие Дурацовски, како ликовен уметник, речиси четири децении не е претставен пред публиката, меѓутоа неговата особеност во ликовниот израз е предмет на анализа во повеќе студии и литература за теоријата на ликовната уметност.
Изложбата на Дурацовски во Чифте амам, за публиката ќе биде достапна до 21 септември 2023 година.
Димитрие Дурацовски е современ македонски писател и сликар. Роден е во 1952 година во Струга каде што завршил основно образование. Школа за применети уметности, сликарски отсек, завршил во Скопје во 1975 година, во класата на проф. Родољуб Анастасов. Во текот на изминатите години раководи со Галеријата „Вангел Коџоман“, во која се сместени сликите од постојаната поставка „Струга во минатото“, а истовремено го води и Одделението за современа уметност на Народниот музеј, организирајќи и поставувајќи над 150 самостојни и групни изложби на повеќемина значајни ликовни уметници од земјава, од Југославија и од светот.
Во текот на изминатите години, Дурацовски реализирал повеќе самостојни изложби во Суботица, Струга, Охрид, Нови Сад и во Скопје, а бил застапуван и на повеќе колективни изложби.
Дурацовски е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година. Неговите литературни и ликовни дела се предмет на анализа во повеќе студии и книги за теоријата на ликовната уметност и литературата.
Добитник е на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во 2019 година.