Македонскиот стрип центар од Велес од 23 до 27 август ќе биде домаќин на традиционалниот 20. Меѓународен стрип-салон „Велес 2023“ – 5. Стрип-колонија.
По повод јубилејот, Томе Трајков, програмски координатор на СЦМ, потсети на меѓународниот стрип-конкурс, на кој годинава за најдобар е прогласен стрипот „PIG OUT“ на стрип-мајсторите: Милорад Вицановиќ-Маза, Аљоша Томиќ и Марко Стојановиќ. Тој информираше и дека по повод јубилејот, на 25.8.2023 ќе биде организирана посебна тематска изложба „20 години Меѓународен стрип-салон“, на која ќе бидат изложени плакати од сите стрип-салони организирани досега.
Инаку на колонијата ќе учествуваат 12 стрип-автори од земјите од Вишеградската група: Полска, Словачка, Чешка и Унгарија, а за време на нивниот престој е планирано и потпишување на меморандум за соработка со стрип-земјите од Западен Балкан присутни на колонијата.
Настанот се реализира со поддршка од Министерството за култура, Интернационалниот вишеградски фонд, Western Balkan fund и Општина Велес.